ИЗБОРИ СРЕДЕ ВОЈНА СЕ ЦУНАМИ ШТО ЌЕ ЈА ПОДЕЛИ УКРАИНА, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИ ДОДЕКА РУСИЈА ПОДГОТВУВА НОВА МОБИЛИЗАЦИЈА

    ИЗБОРИ СРЕДЕ ВОЈНА СЕ ЦУНАМИ ШТО ЌЕ ЈА ПОДЕЛИ УКРАИНА, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИ ДОДЕКА РУСИЈА ПОДГОТВУВА НОВА МОБИЛИЗАЦИЈАИзборите во Украина се суспендирани поради воената состојба воведена по руската инвазија, а петгодишниот претседателски мандат на Зеленски заврши во мај 2024 година. (Фото: Телеграм)

    Одржувањето избори во Украина за време на војна носи ризик од поделба на земјата во период кога Русија трупа балистички ракети и разгледува мобилизација на дополнителни 300.000 војници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Одговарајќи за првпат на барањето на сменетиот поранешен министер за одбрана Михаило Федоров, Зеленски ја оцени таквата идеја како непрактична, посочувајќи дека Русија нема интерес за прекин на огнот.

    Зеленски на брифинг со новинарите рече дека изборите во вакви услови претставуваат огромен ризик и цунами за државата што ќе ја расцепи Украина, додавајќи дека негов главен план е завршување на војната и зачувување на независноста. Изборите во Украина се суспендирани поради воената состојба воведена по руската инвазија, а петгодишниот претседателски мандат на Зеленски заврши во мај 2024 година. Барањето за избори од страна на Федоров, кој беше разрешен еден месец претходно, се смета за најотворен предизвик за авторитетот на Зеленски во земјата од почетокот на војната.

    Според украинскиот претседател, Федоров заминал од функцијата бидејќи ги пречекорил своите надлежности обидувајќи се да покрива функции од воениот сектор, по што одбил четири алтернативни позиции понудени во владата. Зеленски додаде дека доколку западните сојузници овозможат конкретни услови за безбедно, легитимно и демократско гласање, тој би ги поддржал изборите. За тоа, како што објасни, потребно е обезбедување услови за учество на војниците, гласање во фронталните подрачја, учество на милионите бегалци во странство и процес без гранатирања и воздушни напади.

    Зборувајќи за одбранбените капацитети, Зеленски соопшти дека Русија има залихи од 600 до 630 балистички ракети и оти произведува над 100 ракети месечно пред почетокот на зимата, при што нејзиниот максимален годишен производствен капацитет изнесува 1.300 ракети. Поради недостатокот на противвоздушни системи со кои се бранат градовите и инфраструктурата од вакви напади, Зеленски побара 360 ракети Патриот за зимскиот пакет, признавајќи дека тоа е тешко остварливо со оглед на годишното светско производство од околу 600 ракети од типот ПАК-3.

    Зеленски кажа дека е постигнат договор со Франција за испорака на најмалку еден противвоздушен систем САМП/Т годинава, како и со Германија за испорака на околу 600 ракети ПАК-2 и ПАК-3 во периодот 2027-2028 година. Тој апелираше и до САД да обезбедат меѓу 5 и 10 проценти од своите залихи, за што Украина е подготвена да плати. Францускиот претседател Емануел Макрон по разговорот со Зеленски потврди засилување на помошта за Киев, вклучително и со ракети-пресретнувачи.

    Украинскиот претседател рече дека Русија ќе се обиде да мобилизира дополнителни 300.000 војници по руските парламентарни избори во септември. Станува збор за периферна мобилизација надвор од Москва и Санкт Петербург со цел да се врати иницијативата на речиси блокираната фронтовска линија. Зеленски изрази уверување дека руските сили нема да успеат во намерата до крајот на годината целосно да ја заземат Донецката област, вклучувајќи ги градовите Краматорск и Славјанск.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира