Доналд Трамп го нападна својот сојузник, францускиот претседател Емануел Макрон, дека неговата забелешка дека НАТО е во кома е многу навредлива.
Трамп пристигна во Лондон, каде што денеска се отвора тридневниот самит на лидерите на НАТО, на кој ќе се одбележат 70 години од формирањето на овој воен сојуз.
„НАТО ѝ служи на голема цел, коментарите на Макрон се навредливи“, кажа Трамп, додавајќи дека не би било изненадување доколку Франција излезе од сојузот.
Макрон даде контроверзно интервју минатиот месец, во кое кажа дека членките на НАТО веќе не соработуваат на клучните прашања и дека алијансата е во кома.
„Макрон искажа непочитување кон останатите членки на НАТО. Тоа беше многу, многу грда изјава. Мислам дека имаат многу висока стапка на невработеност во Франција. На земјата не ѝ оди добро на економски план и затоа тоа беше многу тешка изјава. Не можеш само така наоколу да даваш такви изјави за НАТО“, кажа Трамп.
Тој смета дека НАТО на никого не му е потребен повеќе од Франција.
„САД имаат најмала корист“, вели Трамп.