ЈУЖНА КОРЕЈА ЌЕ НАПРАВИ ГОЛЕМА ГРЕШКА АКО Ѝ ДАДЕ ОРУЖЈЕ НА УКРАИНА, ПРЕДУПРЕДИ ПУТИН

    ЈУЖНА КОРЕЈА ЌЕ НАПРАВИ ГОЛЕМА ГРЕШКА АКО Ѝ ДАДЕ ОРУЖЈЕ НА УКРАИНА, ПРЕДУПРЕДИ ПУТИНЈужна Кореја го повика рускиот амбасадор Георги Зиновјев за да му изрази протест против пактот Русија - Северна Кореја, барајќи Москва „веднаш да ја прекине“ воената соработка со Пјонгјанг. (Фото: АП)

    Владимир Путин ја предупреди Јужна Кореја дека ќе направи „голема грешка“ ако ја вооружи Украина во војната против Русија. Тој коментираше откако Сеул рече дека размислува за таква можност, како одговор на новиот пакт на Русија и Северна Кореја да си помагаат меѓусебно во случај на „агресија“ врз која било земја.

    Москва „ќе… [донесе] одлуки кои веројатно нема да му угодат на сегашното раководство на Јужна Кореја“ ако Сеул одлучи да испорача оружје на Киев, изјави вчера Путин.

    Рускиот лидер зборуваше во Виетнам, набргу по раскошната посета на Пјонгјанг каде потпиша договор за заемна одбрана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Путин, исто така, предупреди дека Москва е подготвена да го вооружи Пјонгјанг ако САД и нивните сојузници продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје.

    „Оние кои го снабдуваат ова оружје веруваат дека не се во војна со нас. Реков, вклучително и во Пјонгјанг, дека потоа го задржуваме правото да доставуваме оружје за другите региони во светот“, рече Путин.

    Јужна Кореја претходно го осуди руско-севернокорејскиот договор како закана за нејзината национална безбедност, а советникот за национална безбедност Чанг Хо-Џин рече дека неговата земја планира „да го преиспита прашањето за поддршката за оружје за Украина“.

    По изјавите на Путин, претседателскиот кабинет на Јужна Кореја денеска соопшти дека ќе разгледа „различни опции“ за испорака на оружје за Украина и нејзиниот став „ќе зависи од тоа како Русија ќе му пристапи на ова прашање“. Исто така, го повика рускиот амбасадор Георги Зиновјев за да му изрази протест против пактот, барајќи Москва „веднаш да ја прекине“ воената соработка со Пјонгјанг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира