Разрешениот претседател на Каталонија, Карлес Пуигдемонт, ја напуштил Шпанија и заминал за Брисел, истиот ден кога јавниот обвинител објави дека ќе покрене обвинение против него за побуна, повикување на сецесија и за злоупотреба на финансиски средства.
Официјални лица од владата изјавија дека Пуигдемонт заминал со уште петмина свои блиски соработници. Од кабинетот на Пуигдемонт рекле дека тој заминал за Брисел за да се сретне со фламански националистички политичари, кои ја поддржуваат независноста на Каталонија.
„Евентуалното бегство на Пуигдемонт во Брисел е знак на очај“, изјави Фернандо Мартинес Маиљо од владејачката Народна партија.
Шпанските медиуми шпекулираат дека ова значи дека Пуигдемонт ќе побара политички азил во Белгија, откако тамошниот министер за миграција Тео Франкен уште викендов ја најави ваквата можност. Сепак, изјавата на Франкен беше остро критикувана од белгискиот премиер Шарл Мишел.
Утрово, јавниот обвинител на Шпанија Хосе Мануел Маса најави дека ќе поднесе барање до судот да се покрене обвинение против Пуигдемонт и други членови на каталонската влада, која од денеска веќе не раководи со регионот.
„Лидерите на регионалната влада во Каталонија предизвикаа институционална криза, која кулминираше со едностраното прогласување на независност, што значеше целосно непочитување на нашиот устав“, соопшти Маса.
За овие обвиненија, Пуигдемонт и неговите заменици се соочуваат со затворска казна до 30 години.