Судот во Мадрид го прифати барањето на јавниот обвинител и нареди осум разрешени членови на каталонската влада да бидат задржани во притвор, откако тие денеска се појавија на испрашување.
Тие се обвинети за побуна, повикување на сецесија и за злоупотреба на јавни средства, што ги искористија за организирање на нелегалниот референдум за независност на 1 октомври.
Обвинителот, исто така, побара од судијата да издаде европски налог за апсење за бившиот претседател на Каталонија, Карлес Пуигдемонт, кој пред неколку дена избега во Брисел. Тој се однесува и на четворицата министри, кои денеска не се појавија во судот во Мадрид.
Каталонските политички партии и граѓански групи ја осудија одлуката за затворање на легитимните претставници на власта во Каталонија и повикаа на протест пред судот.
Во притвор завршија поранешниот потпретседател Ориол Хункерас, шестмина сменети министри и портпаролот на владата, Жорди Туруљ.
„Ова е срамота. Тие не учествуваа во никаков насилен чин“, изјави адвокатот на Хункерас, Андреу ван ден Ејнде.
И петмина членови на каталонскиот парламент, како и спикерката Карме Форсадељ, се соочуваат со исти обвиненија, но бидејќи имаат имунитет, нивниот случај е предаден на Врховниот суд. Нивното сослушување е закажано за 9 ноември.