Ким Џонг-Ун, кој изминативе години ретко можеше да се види надвор од својата изолирана земја, се прошета низ Сингапур во пресрет на утрешната историска средба со Доналд Трамп, посетувајќи неколку од најпознатите места во градот.
Меѓу другото, тој го посети славниот воден парк исполнет со футуристички инсталации, а тука се наоѓа и најголемиот вештачки водопад на светот.
Неговиот домаќин на прошетката беше сингапурскиот министер за надворешни работи Вивијан Балакришнан, кој не ја пропушти оваа ретка прилика да сними селфи со севернокорејскиот лидер и да го објави на Твитер.
Освен силното обезбедување и камерите на севернокорејската телевизија, Ким бил придружуван од неговата сестра Ким Јо-Џонг и од други високи функционери на Северна Кореја.
Со исклучок на Кина и демилитаризираната зона на границата со Јужна Кореја, Ким нема посетено други земји откако стана лидер во 2011 година.
Трамп и Ким ќе се сретнат утре наутро по локално време во луксузен хотел на островот Сентоса.