Доналд Трамп објави дека ја проширува контроверзната листа земји, на чии државјани ќе им биде забранет влез во САД.
Новата одлука, која ќе стапи на сила на 18 октомври, и натаму ќе се однесува на Сомалија, Јемен, Сирија, Либија и Иран, но ќе биде проширена и на Северна Кореја, Чад и на Венецуела.
Истовремено, Судан беше тргнат од листата, додека државјаните на Ирак ќе бидат подложени на дополнително испитување, но формално не им е забранет влез во САД.
„Како претседател, јас морам да ги штитам интересите и безбедноста на САД и на нејзините жители. Да се направи Америка безбедна е мој приоритет број еден. Нема да ги примаме во нашата земја оние покрај кои не се чувствуваме безбедно. Колку построга забрана, толку подобро“, изјави Трамп.
За разлика од првата забрана, која беше донесена во јануари како привремена мерка, новите рестрикции не се временски ограничени.