КОРОНАВИРУСОТ ПОЛЕКА СЕ ШИРИ НИЗ ЦЕЛА ЕВРОПА, ГЕРМАНИЈА ОЧЕКУВА ЕПИДЕМИЈА

    КОРОНАВИРУСОТ ПОЛЕКА СЕ ШИРИ НИЗ ЦЕЛА ЕВРОПА, ГЕРМАНИЈА ОЧЕКУВА ЕПИДЕМИЈАВо најголем дел европски земји коронавирусот бил донесен од Италија (Фото: Анса)

    Коронавирусот се прошири низ речиси цела Европа, откако прв случај на заразен пријавија Данска, Норвешка, Финска, Романија, Грузија и Естонија.

    Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека земјата, каде што досега има 21 заразен, се наоѓа на почетокот на епидемија.

    „Ланецот на инфекција сега веќе не може да се следи и тоа е нов момент. Голем број луѓе имале контакт со пациентите и тоа е голема промена во однос на првите 16 заразени кои имаа поврзаност со Кина“, рече Шпан.

    Во Италија, од каде што коронавирусот бил пренесен во голем број европски земји, досега има над 400 заразени и 12 починати. Соработник на гувернерот на Ломбардија Атилио Фонтана преку видео на Фејсбук објави дека имал позитивен тест и дека се ставил во домашна изолација.

    „Тројца пациенти кои беа заразени со коронавирусот се целосно излекувани и тоа е важна порака“, изјави Франческо Ваја, директор на болницата за заразни болести Спаланцани во Рим.

    Во Кина вчера починале 29 луѓе, а има и 433 нови случаи. Водечкиот кинески експерт за КОВИД-19 Џонг Наншан смета дека ширењето ќе биде ставено под контрола до крајот на април. Моментално, коронавирусот побрзо се шири надвор од Кина, при што има 3.500 случаи во други земји. Само во Јужна Кореја има 334 новозаразени.

    Владата на Саудиска Арабија привремено им забрани на странците да доаѓаат на аџилак во светите места Мека и Медина.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари