Косовската полиција потврди дека дел од важниот канал Ибар-Лепенац во селото Варага во општина Зубин Поток бил разнесен со експлозивна направа. Овој канал е важен за водоснабдувањето на неколку општини, но и на електраната „Обилиќ“, а експлозијата доведе до запирање на протокот на водата.
„Врз основа на досегашните сознанија, утврдено е дека експлозијата била намерен напад, со што станува збор за криминален терористички чин“, соопшти полицијата.
Засега официјално никој не е осомничен, но косовските лидери веднаш ја обвинија Србија. Владата кажа дека Србија го организирала нападот како дел од напорите за дестабилизација на Косово.
„Инцидентот е дело на криминални банди раководени од Србија, која има интерес, волја и способност да изврши вакви напади и да предизвика штета. Цврсто веруваме дека нападот е изведен со поддршка од српските институции и претседателот Александар Вучиќ. Целта е да се всадат страв и несигурност, да се засилат тензии и на крајот, да се дестабилизира целата земја“, кажа премиерот Албин Курти.
Советот за безбедност на Косово одржа итна седница и донесе одлука за зајакнување на безбедносните мерки на сите чувствителни локации, како мостови и електрани.
Министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ ги отфрли обвинувањата на косовската влада и кажа дека режимот на Курти е вмешан во диверзијата.