Кои се демонстрантите кои вчера упаднаа во зградата на американскиот Конгрес откако присуствуваа на говорот на Доналд Трамп кај Белата куќа?
Некои носеа симболи и знамиња на одредени идеи и фракции, а снимките покажаа поединци поврзани со екстремни и крајнодесничарски групи и поддржувачи на теории на заговор што се шират онлајн.
Меѓу најпрепознатливите ликови беше маж со обоено лице, крзнена капа и рогови и со американско знаме во рацете. Тој е идентификуван како Џејк Анџели, добро познат поддржувач на мистериозната теорија на заговор „Кјуенон“, која тврди дека Доналд Трамп и таен тим на воени разузнавачи водат војна против сатанистички педофили во редовите на Демократската партија. „Кјуенон“ со недели најавуваше дека планира марш пред Конгресот.
Други лица забележани како упаѓаат во Капитол се членови на крајнодесничарската група „Прауд бојс“. Основана во 2016 година, сите нејзини членови се бели мажи и антиимигрантски настроени. „Прауд бојс“ и движењето „Стоп на кражбата“ ги охрабруваа своите членови да излезат на маршот.
Таканаречените „патриотски карвани“ и други иницијативи се организираа онлајн за да се обезбеди превоз на активисти до Вашингтон.
Човекот кој беше снимен како седи во канцеларијата на спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси е идентификуван како Ричард Барнет од Аркансас, познат како поддржувач на движењето „Стоп на кражбата“ и на групи за правото на користење на оружје.