КРИМ Е УКРАИНСКИ, А НЕ РУСКИ, МУ ОДГОВОРИЈА АМЕРИКАНЦИТЕ НА РАДЕВ

    КРИМ Е УКРАИНСКИ, А НЕ РУСКИ, МУ ОДГОВОРИЈА АМЕРИКАНЦИТЕ НА РАДЕВАмбасадата на САД во Софија изрази загриженост за изјавите на Радев (Фото: Гети)

    Амбасадата на САД во Софија му порача на бугарскиот претседател Румен Радев дека Крим е украински, а не руски, како што кажа тој во ТВ-дебатата во петокот, во пресрет на вториот изборен круг во Бугарија.

    „Ние сме длабоко загрижени за неодамнешните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев со кои Крим го означи како руски. САД, Г7, Европска Унија и НАТО беа јасни и единствени во својата позиција дека и покрај анексијата од Русија и постојната окупација, Крим е Украина“, се вели во соопштението на американската амбасада.

    Таа го потсети Радев дека и Бугарија ја поддржа иницијативата Кримска платформа во август годинава, со која се признава дека Крим е интегрален дел од Украина. Овој меѓународен механизам треба да помогне да се обноват односите помеѓу Русија и Украина така што ќе се поништи анексијата.

    „Сите ние се обврзавме дека никогаш нема да ги признаеме напорите на Русија да ги озакони нелегалното заземање и окупацијата на полуостровот. Во изминатите денови, ние ја изразивме нашата загриженост и во Вашингтон и во Софија“, стои во соопштението.

    Русија изврши инвазија и го присвои полуостровот Крим во почетокот на 2014, во периодот на руско-украинскиот воен конфликт.

    За време на предизборната дебата во петокот, Радев кажа дека западните санкции против Русија не ги дале очекуваните резултати и дека Европската Унија би требала да го обнови дијалогот со Москва.

    „Бугарија не треба да ја гледа Русија како непријател. ЕУ ги воведе санкциите поради Крим и Украина не доби ништо со тоа. Крим е очигледно руски“, кажа Радев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира