Кралицата Елизабета Втора ги нагости Зоран Заев и шефовите на земјите-членки на НАТО во пресрет на денешниот официјален почеток на дводневниот самит во Лондон, на кој ќе се одбележат 70 години од основањето на алијансата.
Иако во очекување да стане 30. полноправна членка, што, сепак, нема да се случи во Лондон, бидејќи Шпанија сѐ уште не го ратификувала Пристапниот протокол, ова е прв Лидерски самит на НАТО на кој и нашата држава активно учествува.
Разговорите ќе се одржуваат во луксузен хотел во близина на Вотфорд и Самитот се случува среде тензиите помеѓу сојузниците поради неколку отворени прашања.
Ова беше подзасилено со неодамнешните изјави на францускиот претседател Макрон, кој кажа дека НАТО е во кома, за што беше жестоко искритикуван од Доналд Трамп, но главните несогласување помеѓу земјите-членки постојат околу неодамнешната воена интервенција на Турција во Сирија и прашањето на издвојувањето средства за заедничкиот буџет. Откако стана претседател на САД, Трамп постојано ги критикува сојузниците дека не трошат доволно на одбрана, добивајќи ветување од генералниот секретар Јенс Столтенберг дека ќе има поголеми вложувања.
Пред почетокот на Самитот, турскиот претседател Ердоган изјави дека нема да поддржи одбранбен план на НАТО за Балтичкиот регион доколку не добие поддршка за турската интервенција против Курдите.