Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн повика за суспендирање на Унгарија од ЕУ поради нејзините масовни прекршоци на основните вредности на Европската унија. Тој ги спомена постапувањето на Будимпешта со бегалците, независноста на судството и слободата на печатот.
„Унгарија не е далеку од издавање наредби за отварање оган врз бегалците“, смета тој.
Лидерите на ЕУ в петок ќе се сретнат во Словачка да дискутираат за иднината на унијата. Интервјуто на Аселборн за германскиот „Велт“ најверојатно ќе ги разгори страстите пред самитот.
„ЕУ не може да толерира такво несоодветно однесување“, вели Аселборн, „и секоја држава која ги прекршува основните права треба да биде привремено исклучена од унијата, а по потреба и засекогаш“.
Унгарија стана дел од Унијата во 2004. Иако ЕУ може да одбие или одложи кандидат во приклучувањето, таа нема моќ да протера постоечка држава членка.
Кога екстремната десничарската Партија на слободата влезе во австриската влада во 2000, државите членки на ЕУ одговорија со замрзнување на билатералните дипломатски односи со Австрија. Подоцна истата година, ЕУ ја запре дипломатската изолираност на Австрија.
На 2 октомври, ќе се одржи референдум каде што на Унгарците ќе им се побара да одлучат за ЕУ квота за примање на бегалци. Премиерот Виктор Орбан остро ги критикуваше плановите на ЕУ за преместување на 160.000 бегалци преку блокот и неговата влада енергично водеше кампањи против прашањето на референдумот.