На зградата на Градската управа во Сплит ќе биде поставена спомен-плоча на македонскиот војник Сашко Гешовски од Кавадарци кој беше застрелан на 6 мај во 1991, додека чувал стража во касарната во Сплит за време на демонстрациите на поддржувачите на независноста на Хрватска. За спомен-плочата во чест на Гешовски се одлучуваше на седницата на градската Комисија за именување улици и плоштади.
Одлуката за поставување спомен-плоча на Гешовски Комисијата ја донела минатата година, но медиумите објавија дека на плочата имало контроверзен натпис што требало да стои, предложен од сплитскиот активист Марко Гај: „Сашко Гешовски, невина жртва на протестите одржани на 6.05 во 1991“.
Некои членови на Комисијата сметаа дека таквиот натпис може погрешно да се протолкува, па сега се предлага ново решение: „Сашко Гешовски, Кавадарци, 31 октомври 1971 година – Сплит, 6 мај 1991. Несреќно настрадал на 6 мај во 1991“.
Натписот, според „Слободна Далмација“ не дава никакво објаснување за смртта на Гешовски. Сашко Гешовски „случајно загинал“, а идните генерации не само што нема да разберат како умрел Гешовски, туку нема да разберат ниту зошто е поставена оваа плоча.
Во униформата на ЈНА, младиот Македонец во последните мигови од животот се најде пред разгневената толпа од десетици илјади луѓе кои протестираа против ЈНА, меѓу кои имаше и вооружени лица. Од толпата излезе куршум и го уби Гешовски, но никогаш официјално не е утврдено кој пукаше во него. Четири дена претходно, на 2 мај, во Борово Село беа убиени 12 хрватски полицајци. Еден месец претходно, во Плитвице се случи таканречениот „крвав Велигден“, кога во конфликт со Срби кои протестираа беше убиен хрватскиот полицаец Јосип Јовиќ.