Македонските државјани ќе мора да одат во задолжителна 14-дневна изолација по влегувањето во Хрватска, објави тамошната влада.
Таа денеска воведе ваква мерка и за државјаните на Србија, Косово и БиХ по порастот на бројот на заразени со коронавирус во регионот и неговата појава на тенискиот турнир во Задар, организиран од Новак Ѓоковиќ.
Ден по Србија, и Хрватска воведе задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, откако во изминатите 24 часа биле потврдени 22 нови случаи на коронавирус, најмногу во Загреб.
Новак Ѓоковиќ е еден од шестемина учесници на турнирот Адрија тур во Задар кој имаше позитивен тест на коронавирус. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ беше критикуван зашто одби да оди во самоизолација, иако на турнирот се сретна со Ѓоковиќ. Тој имаше негативен тест на коронавирус и се правдаше дека само на кратко се видел со него.
Коронакризата во Хрватска нагло се влоши во пресрет на парламентарните избори на 5 јули.