Францускиот претседател Емануел Макрон ги отфрли тврдењата на Доналд Трамп дека обезбедил мир во Газа, истакнувајќи дека во енклавата не е отворен ниту еден хуманитарен коридор, и покрај прогласениот мир.
Во своето последно обраќање во Обединетите нации пред да ја напушти функцијата следната година, Макрон изјави дека светот е сведок на спектакл што треба да предизвика срам кај сите, при што го критикуваше начинот на кој Трамп го претстави својот мировен план за Газа како дипломатски триумф. Тој говореше пред Генералното собрание неколку часа откако Трамп од истата говорница го пофали својот мировен план за Газа.
„Пред една година, токму во оваа сала, десетина држави ја имаа признато Палестина. Го слушам цинизмот на некои луѓе: ‘Признавањето е само парче хартија, погледнете ја реалноста’“, рече Макрон, удирајќи со тупаница по говорницата.
„Но, каков кредибилитет имаме ако продолжиме да бидеме неактивни пред ситуацијата во Газа? Некои се фалат со наводен мир. Но, тој мир не го овозможи повторниот пристап на хуманитарна помош. Дали едноставно ќе стоиме настрана и ќе го гледаме овој спектакл што треба да нè засрами сите нас?“, кажа Макрон.
Тој се соочи со критики од некои политичари и активисти во Франција дека презел малку откако ја призна палестинската држава минатиот септември.
„Претседателот Трамп ја заврши војната помеѓу Израел и Хамас, ги ослободи сите живи заложници, ги врати телата на загинатите кај нивните најблиски и сега го предводи спроведувањето на планот за мир во Газа. Додека другите зборуваат, Трамп директно се зафати со решавање на овој сложен проблем. Никој не направил повеќе за мирот и стабилноста во регионот“, одговори портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, на критиките од Макрон.
На седум месеци пред претседателските избори во Франција, Макрон го имаше своето последно обраќање, откако првпат застана зад говорницата во 2017.
„Наша должност е, повеќе од кога било, да застанеме покрај Обединетите нации. Не можеме да го прифатиме новиот поредок на неказнивост што некои би сакале да го изградат“, рече тој.



