МАКРОН И МЕРКЕЛ ВО БЕРЛИН РАЗГОВАРААТ ЗА ИДНИНАТА НА ЕУ

    МАКРОН И МЕРКЕЛ ВО БЕРЛИН РАЗГОВАРААТ ЗА ИДНИНАТА НА ЕУДоговорот меѓу Париз и Берлин најверојатно ќе вклучи план за оданочување на мултинационалните интернет гиганти и формирање канцеларија за баратели на азил во ЕУ. (Фото: ДПА)

    Францускиот претседател Емануел Макрон од денес е во посета на Берлин за да разговара за иднината на Европската Унија со германската канцеларка Ангела Меркел, во обид да ја придобие најголемата економија во блокот кон неговите планови за економски реформи.

    Германија и Франција ветија дека ќе дадат пат на реформската мапа пред самитот на ЕУ во јуни, со кој треба да се справат со клучните проблеми со кои се соочува блокот. Но, во неодамна формираната влада на Меркел има несогласувања околу идеите на Макрон.

    Францускиот претседател бара поголема финансиска солидарност во рамки на еврозоната, вклучувајќи и заеднички буџет, фонд за заштита од економски шокови и министер за финансии на еврозоната, иако подоцна тоа се покажа делумно контроверзно.

    Париз исто така притиска да се доврши банкарската унија во еврозоната. Меркел се согласи дека ова е приоритет, но нагласи дека ризикот мора да се редуцира во банкарскиот сектор, пред да се преземат наредните чекори кон колективно осигурување на депозитите.

    Договорот меѓу Париз и Берлин најверојатно ќе вклучи план за оданочување на мултинационалните интернет гиганти и формирање канцеларија за баратели на азил во ЕУ. Сепак на овие предлози може да се спротивстават другите европски престолнини.

    Разговорите за реформи на ЕУ се пред преговорите за наредниот долгорочен буџет на унијата. Овој процес традиционално проблематично се одвива, а уште повеќе ќе биде отежнат од потребата да се надополни дупката во финансирањето откако Британија одлучи да го напушти блокот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари