Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека рекордниот број пожари во Амазонија се меѓународна криза и дека ова треба да биде главна тема на самитот на Г7.
„Нашата куќа гори“, кажа Макрон, по што бразилскиот претседател Болсонаро го обвини дека го користи проблемот за политички цели.
Сателитските снимки на Бразилската вселенска агенција покажуваат дека бројот на пожари низ Бразил оваа година се зголемил за 85% и повеќето од нив избувнале во регионот на Амазон.
Во првите осум месеци од годината, во Бразил биле регистрирани повеќе од 75.000 пожари, што е најголема бројка од 2013 година, додека лани ги имало 39.759. Пожарите во Амазонија се вообичаени за време на сушната сезона, што трае од јули до октомври, но активистите го обвинија Болсонаро дека нивниот број сега се зголемил бидејќи им дозволил на фармерите да расчистуваат земјиште за нови земјоделски површини.
Макрон, кој овој викенд ќе биде домаќин на самитот на Г7, на кој Бразил одби да учествува, повика пожарите да бидат главна тема, сметајќи дека тие се меѓународен проблем.
„Амазонските дождовни шуми, кои произведуваат 20% од кислородот за нашата планета, се во пламен. Оваа вонредна состојба треба да биде главна тема на самитот“, изјави Макрон.
Болсонаро кажа дека Бразил нема доволно средства и опрема да се бори со пожарите.
„Амазонија е поголема од цела Европа, како да се бориш со пожари во така голема област? Немаме средства за тоа“, рече тој и повторно ги нападна невладините организации.
„Сакате да ги обвиниме Индијанците или можеби Марсовците? Сите се сомнителни, но најмногу невладините организации“.