Американскиот државен секретар Марко Рубио кон крајот на следната недела ќе престојува во официјална посета на Италија и Ватикан, јавуваат медиумите.
Патувањето закажано за 7 и 8 мај се толкува како обид за подобрување на односите по тензиите што настанаа откако претседателот Доналд Трамп упати серија критики кон папата Лав 14 и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Критиките на Трамп уследија по јавните заложби на папата против војната меѓу САД, Израел и Иран. Трамп го нарече понтифот „слаб за криминал и нуклеарно оружје“, додавајќи дека неговите ставови се штетни за надворешната политика. Ваквата реакција дојде откако папата на социјалната мрежа Икс објави порака дека „Бог не благословува ниту еден конфликт“.
Трамп дополнително ја нападна и премиерката Мелони, обвинувајќи ја за недостаток на храброст бидејќи застанала во одбрана на поглаварот на Католичката црква. Во рамките на посетата, Рубио треба да се сретне со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани и со министерот за одбрана Гвидо Крозето. Предвидена е и средба со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.
Засега нема официјални информации дали Рубио ќе оствари директни средби со папата или со премиерката Мелони. Папата Лав 14 претходно изјави дека нема страв од Белата куќа и дека неговиот глас нема да биде замолчен.
Трамп, пак, по низата реакции од верските заедници, ја повлече вештачки генерираната слика на која беше претставен во ликот на Исус Христос. Рубио последен пат беше во Ватикан во мај минатата година, кога заедно со потпретседателот Џеј Ди Венс присуствуваше на инаугуративната миса на новиот папа.



