МОЖЕБИ ЌЕ СЕ РЕШАМ ПО ТРЕТПАТ ДА ПОБЕДАМ НА ИЗБОРИТЕ ВО 2024, КАЖА ТРАМП НА ПРВИОТ ЈАВЕН НАСТАП ОТКАКО ЈА НАПУШТИ БЕЛАТА КУЌА

    МОЖЕБИ ЌЕ СЕ РЕШАМ ПО ТРЕТПАТ ДА ПОБЕДАМ НА ИЗБОРИТЕ ВО 2024, КАЖА ТРАМП НА ПРВИОТ ЈАВЕН НАСТАП ОТКАКО ЈА НАПУШТИ БЕЛАТА КУЌАТрамп одржа говор на најголемиот годишен собир на американските конзервативци во Орландо (Фото: АП)

    Доналд Трамп ги отфрли шпекулациите дека ќе формира нова политичка партија, на својот прв јавен настап откако пред 40 дена ја напушти Белата куќа. Тој одржа говор на најголемиот годишен собир на американските конзервативци, што се одржа во Орландо во Флорида и најави дека повторно би можел да се кандидира за претседател во 2024 година.

    „Стојам денеска пред вас за да прогласам дека неверојатното патување што го почнавме заедно пред четири години е далеку од завршено. Се собравме овдека за да зборуваме за иднината: иднината на нашето движење, нашата земја и на нашата партија. Шпекулациите дека ќе формирам нова партија се лажни вести. Ја имаме Републиканската партија и заедно со неа ќе бидеме посилни од кога било“, кажа Трамп.

    И покрај поразот на изборите и крвавиот упад во Конгресот, Трамп останува силно популарен меѓу своите избирачи. Една неодамнешна анкета покажа дека 46% од испитаниците би гласале за него и ако ги напушти Републиканците и формира своја партија. Тој уште еднаш ги повтори своите тврдења дека изгубил поради изборна измама.

    „Всушност, тие само што ја изгубија Белата куќа. Кој знае, можеби ќе се решам да ги победам и по третпат во 2024“, изјави Трамп.

    Тој го нападна и актуелниот претседател Џо Бајден, велејќи дека Америка под негово водство паднала од првото на последното место.

    „Сите знаевме дека администрацијата на Бајден ќе биде лоша, но никој не можеше да замисли дека ќе биде олку лоша и колку далеку на лево ќе отиде“, кажа Трамп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира