НАД 1.700 УАПСЕНИ ВО ФРАНЦИЈА ВО СУДИРИТЕ НА ПОЛИЦИЈАТА СО СРЕДНОШКОЛЦИТЕ, БЛОКИРАНИ ПОВЕЌЕ ОД 700 УЧИЛИШТА

    НАД 1.700 УАПСЕНИ ВО ФРАНЦИЈА ВО СУДИРИТЕ НА ПОЛИЦИЈАТА СО СРЕДНОШКОЛЦИТЕ, БЛОКИРАНИ ПОВЕЌЕ ОД 700 УЧИЛИШТАСредношколците реагираат дека часовите се предолги, училниците претопли и оти премногу наставници отсуствуваат од работа. (Фото: Ле Монд)

    Француската полиција се судри со демонстрантите откако илјадници средношколци, незадоволни од образовните стандарди, ја попречија работата на повеќе од 700 училишта низ земјата. На улиците беа палени пожари додека учениците изразуваа револт поради недостиг на наставници, преполни училници и руинирани училишни објекти. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека во петокот биле уапсени 1.747 лица.

    Протестите почнаа минатата недела во Париз и се проширија низ цела Франција, зафаќајќи градови како Монпелје, Нант, Марсеј, Рен и Стразбур. Министерот за правда Жералд Дарманен изјави дека средношколските демонстрации преминале во нарушување на јавниот ред, наведувајќи дека 735 од вкупно 3.700 училишта во земјата се погодени од насилните протести. Дарманен побарал од обвинителите законски да ги повикаат родителите на одговорност за штетите што ги направиле нивните деца и тие да ги платат поправките.

    Во немирите се повредени најмалку 65 вработени во училиштата, соопшти Министерството за образование. Претходно во петокот, 17-годишник беше уапсен под сомнение за обид за убиство по протестите во градот Белфор, каде што цел на напад беше полицаец.

    Во париското предградие Пантен полицијата уапси повеќемина откако врз полицајците биле фрлани предмети, додека во Стразбур беше употребен солзавец поради страв од дополнителна ескалација. Во Рен и Париз беа палени и контејнери за ѓубре. Полицијата објави фотографии од предмети одземени од демонстрантите, меѓу кои молотови коктели, секира и огнометни ракети.

    Министерството за образование соопшти дека е предизвикана голема материјална штета на училишните капацитети по нападите врз порти, влезови и огради. Регионалните власти наведоа дека средното училиште „Нелсон Мандела“ во Нант претрпело штета од над два милиони евра откако во пожар целосно изгореле стаклениот влез и дел од внатрешните простории.

    Средношколците реагираат дека часовите се предолги, училниците претопли и оти премногу наставници отсуствуваат од работа. Незадоволството дополнително го поттикнаа и најавените буџетски кратења во образованието. Немирите се случуваат во исклучително чувствителен момент за претседателот Емануел Макрон, шест месеци пред претседателските избори следната година. Додека родителите стравуваат за безбедноста на децата, повеќе просветни и работнички синдикати, меѓу кои СНЕП-ФСУ, СНУЕП-ФСУ и федерацијата Солидер, застанаа зад барањата на средношколците и апелираа да не се применува сила врз нив.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира