Најмалку 18 луѓе загинаа во Њујорк, Њ Џерси, Пенсилванија и Мериленд во поплавите што го погодија регионот како последица на обилните врнежи што ги донесоа остатоците на ураганот Ајда. Трагичниот биланс ќе биде и поголем откако властите на Филаделфија најавија дека и таму има повеќе загинати, без да наведат детали.
Осум од деветте жртви во Њујорк, вклучувајќи двегодишно дете, се удавиле откако останале заглавени во подруми во станбени згради во населбата Квинс. Четири лица се пронајдени мртви во станбен комплекс во Елизабет, Њу Џерси.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, ја опиша состојбата како „историски временски настан“, додека Националната метеоролошка служба првпат досега прогласи вонредна состојба поради поплави во градот.
„Цената што ја платија некои њујорчани е ужасна и трагична. Имаме семејства кои тагуваат во моментов. Луѓето поминуваат низ пекол и требаат помош. Очекуваме државата да ни даде максимална помош“, изјави Де Блазио.
Тој им порача на њујорчани дека временските неприлики ќе станат уште полоши во иднина и ги обвини метеоролозите што не успеале да го предвидат ова.
Обилните врнежи ја поплавија подземната железница во Њујорк, која речиси целосно ги прекина своите операции. Градот воведе забрана за возење за сите возила освен на итните служби, додека во Сентрал Парк наврнале рекордни осум сантиметри дожд во еден час.