НАЈМАЛКУ 12 АМЕРИКАНСКИ МАРИНЦИ И 60 ЦИВИЛИ ЗАГИНАА ВО САМОУБИСТВЕНИТЕ НАПАДИ НА АЕРОДРОМОТ ВО КАБУЛ

    НАЈМАЛКУ 12 АМЕРИКАНСКИ МАРИНЦИ И 60 ЦИВИЛИ ЗАГИНАА ВО САМОУБИСТВЕНИТЕ НАПАДИ НА АЕРОДРОМОТ ВО КАБУЛУште никој не ја презеде одговорноста за нападите кои создадоа уште поголем хаос на аеродромот во Кабул каде илјадници луѓе чекаат евакуација. (Фото: Њујорк тајмс)

    Двајца бомбаши самоубијци и напаѓачи со огнено оружје ја нападнаа густата толпа народ пред аеродромот во Кабул, при што загинаа најмалку 60 цивили и најмалку 12 американски маринци, според  американски воени власти што ги цитираат агенциите Ројтерс и АП. Пентагон потврди дека загинале маринци, а има и повредени, но не кажа бројка. Не се прецизни ни бројките на загинатите авганистански цивили, талибанците велат дека има најмалку 13, но авганистанските здравствени власти за Би-Би-Си велат дека таа бројка е најмалку 60, а над 140 се повредени.

    Самоубиствените напади се случиле пред влезот во аеродромот каде се стационирани војските на САД и на Британија,  кои помагаат при евакуацијата на цивилите. Еден од бомбашите се разнел стоејќи до колена во вода на одводен канал пред аеродромскиот влез, каде експлозијата ги исфрлила телата на загинатите и ранетите. Другиот напад бил пред хотел во близина.

    Уште никој не ја презеде одговорноста за нападите, но ноќта пред експлозиите висок американски функционер предупреди на „специфична“ и „веродостојна“ закана за напад на аеродромот од авганистанската група на Исламска држава наречена Исламска држава Хорасан, или ИСИС-Х, а западните земји почнаа да ги повикуваат луѓето да си одат од областа на аеродромот. Но дури и со такво јасно предупредување, велат воените функционери, би било многу тешко да се открие бомбаш самоубиец со сокриен појас со експлозив во толкава огромна маса народ како онаа на аеродромот.

    ИСИС-Х, или поточно Исламска држава на провинцијата Хорасан (ИСКП) е регионална група на ИСИС (Исламска држава)која е активна во Авганистан и Пакистан, таа е најекстремната и најнасилна од сите милитантни групи во Авганистан. Создадена е во јануари 2015, во врвот на силата на ИСИС во Ирак и Сирија, пред самопрогласниот калифат да биде поразен од коалицијата предводена од САД. Групата регрутира и авганистански и пакистански џихадисти, а особено отпадници од авганистанските талибанци кои сметаат дека нивната организација не е доволно екстремна.

    Турција ќе ја евакуира својата војска од аеродромот во Кабул, но САД продолжија со евакуацијата на цивилите кои чекаа на аеродромот да си заминат од земјата. И Велика Британија засега ќе продолжи  со евакуацијата, премиерот Борис Џонсон ги осуди нападите но рече дека тие нема да ја прекинат британската операција. Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден со највисоките функционери за национална безбедност континуирано ја следи ситуацијата во Кабул по нападите.  Нападите ги осудија и НАТО и ОН.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира