Дваесет и четиригодишниот Хади Матар од Њу Џерси е обвинет за обид за убиство и напад, откако вчера го избоде славниот писател Салман Ружди на јавен настан во сојузната држава Њујорк.
„Лицето одговорно за вчерашниот напад, Хади Матар, сега и официјално е обвинет за обид за убиство од втор степен и за напад од втор степен. Тој останува во притвор без право на кауција“, изјави јавниот обвинител на округот Чаутауква, Џејсон Шмит.
Матар е роден во САД од либански родители, кои емигрирале од погранично село во јужен Либан.
Матар го нападна 75-годишниот Ружди во моментот кога тој се подготвуваше да одржи предавање во образовниот центар Институција Чаутауква. Тој му задал повеќе од десет удари и убоди на Ружди пред да биде совладан од присутните и приведен од полицијата.
Според неговиот менаџер Ендрју Вајли, Ружди има повреди на црниот дроб и око и исечени нерви во една рака, приклучен е на респиратор и не може да зборува.