НАПАЃАЧОТ ОД НОВ ЗЕЛАНД МРАЗЕЛ ИМИГРАНТИ, ГО ВЕЛИЧЕЛ РАДОВАН КАРАЏИЌ И САКАЛ ДА СЕ ОДМАЗДИ ЗА СМРТТА НА 11-ГОДИШНА ШВЕЃАНКА

    НАПАЃАЧОТ ОД НОВ ЗЕЛАНД МРАЗЕЛ ИМИГРАНТИ, ГО ВЕЛИЧЕЛ РАДОВАН КАРАЏИЌ И САКАЛ ДА СЕ ОДМАЗДИ ЗА СМРТТА НА 11-ГОДИШНА ШВЕЃАНКАБрентон Тарант зад себе оставил манифест на 74 страници, а нападот во Крајстчрч го пренесувал во живо на Фејсбук (Фото: АП)

    Напаѓачот кој денеска го изврши најголемиот масакр во историјата на Нов Зеланд, убивајќи 49 луѓе за време на молитва во две џамии во градот Крајстчрч, сакал да истакне неколку работи во манифестот на 74 страници, што го оставил зад себе. Тој се претстави како 28-годишен австралиски бел националист Брентон Тарант, кој мразел имигранти и бил гневен поради нападите во Европа, за кои беа обвинети муслимани. Тој сакал одмазда и сакал да прошири страв.

    На својот крвав поход, што во почетокот во живо го пренесуваше на Фејсбук, тој уби 41 лице во џамијата Ал Нор, а уште осум луѓе се убиени во пукањето во друга џамија. Полицијата не потврди дали истото лице е одговорно за двата напада.

    Во манифестот објавен на интернет, Тарант кажал дека се надевал дека ќе го преживее нападот, за да може подобро да ги прошири своите ставови. Нов Зеланд го избрал за својот напад, сакајќи да покаже дека ниту едно место на светот не е безбедно, ниту имуно на масовна имиграција.

    Полицијата објави дека на неговото оружје имало нацистички и расистички симболи, како и имиња на српски и унгарски историски личности кои се бореле против Турците а во акција тргнал слушајќи песна која го величи затворениот воен злосторник од БиХ, Радован Караџиќ.

    Во манифестот, Тарант вели дека желбата за насилство му се појавила кога дошол во Франција и се згрозил од многубројните имигранти кои живееле таму, а нападот во Крајстчрч почнал да го планира пред три месеци. За својата акција, наводно, добил одобрение од норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик, чиј адвокат кажа дека ова е малку веројатно.

    Како еден од главните мотиви за нападот ја наведува смртта на 11-годишната Еба Окерлунд, една од жртвите на терористичкиот напад во Стокхолм пред две години.

    „Се пресеков кога го видов оружјето на кое е напишано името на мојата ќерка. Згрозени сме што Еба се користи како мотив за нападот“, изјави нејзиниот татко Штефан Окерлунд.

    Тарант утре треба да биде изведен пред суд. Во нападите се повредени уште 48 лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира