Основачот на Фејсбук Марк Закерберг призна дека неговата социјална мрежа „направила грешки“, во својата прва изјава по откривањето на злоупотребата на личните податоци на огромен број корисници.
За ова се обвинува моќната компанија „Кембриџ аналитика“, која нелегално искористила податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук, преку квиз креиран од еден психолог од универзитетот Кембриџ. Преку овие податоци се влијаело врз претседателската кампања во САД во 2016 година.
„Се случи прекршување на довербата“, призна Закерберг.
Тој најави серија промени, со што на апликациите ќе им биде потешко да собираат информации.
„Ние имаме одговорност да ги заштитиме податоците, а ако не можеме, тогаш не заслужуваме да ви служиме. Јас го почнав Фејсбук и јас сум тој кој е одговорен за тоа што се случува на платформата. Од ова искуство ќе научиме дополнително да ја осигураме нашата платформа, за да ја направиме нашата заедница побезбедна“, кажа тој.
Меѓу другото, Закерберг најави дека ќе ги истражи сите апликации кои до 2014 година, кога беа изменети правилата, имале пристап до голем број информации.