Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во Софија дека силно го поддржува почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, но не верува дека неговата мисија на Западен Балкан ќе ја промени позицијата на Бугарија до крајот на месецот, до кога Франција претседава со Унијата.
„Германија сфаќа дека историските разлики помеѓу две соседни земји тешко се решаваат, но нашето искуство покажува дека сите имаат корист кога се градат пријателски односи со соседите и се надминува недоверба. Затоа силно го поддржувам почетокот на пристапните преговори. Верувам дека има шанси за напредок. Ќе продолжиме со разговорите до крајот на француското претседателство и се надевам дека ќе постигнеме напредок. Заедно како Европејци сме одговорни за Европската Унија и за стабилноста на Балканот. Да го искористиме процесот на проширување за корист на Европа“, кажа Шолц.
Тој допатува во Софија откако утрово го посети Скопје во рамките на дводневната турнеја по Западен Балкан, која ги опфати и Србија и Косово.
Шолц додаде дека Западен Балкан мора да има загарантирана европска перспектива, но и дека Северна Македонија мора да ги исполни критериумите.
„Сите сфаќаме каков треба да биде резултатот, но проблемот е како да се постигне“, кажа Шолц.
Во Скопје, канцеларот Шолц рече: „Што се однесува до мене, Северна Македонија може веднаш да почне со првата меѓувладина конференција, сите услови се исполнети и ние ќе се заложиме тоа да биде можно. Германија е сериозна за ЕУ интеграцијата на Западен Балкан, особено за Северна Македонија, која ги исполни сите услови. Пред 20 години на државите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива и сега е време за дела. Се чудев на политичката сила која овозможи договор со Грција и затоа остатокот од задачата треба да ни успее. Сега треба да ги вложиме сите напори тоа да се реализира“.
Бугарскиот премиер Кирил Петков повтори дека ветото може да се тргне само доколку Македонија даде гаранции дека ќе го спроведе Договорот за добрососедство и ќе ги вклучи Бугарите во Уставот.