Џо Бајден им порача на сојузниците од НАТО дека одбраната на Европа, Турција и Канада е света обврска за САД, откако пристигна од Велика Британија во Брисел. Тој се обидува да добие поддршка од сојузниците за американската стратегија за скротување на воениот подем на Кина и за да се покаже единство пред руската агресија.
„Членот Пет од основачкиот договор е света обврска. Сакам сите во Европа да знаат дека Америка е таму. НАТО е исклучително важно за нас“, изјави Бајден.
И шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, побара од членките на алијансата да одговорат на подемот на Кина. Се очекува НАТО денеска да издаде соопштение во кое и официјално ќе ја означи Кина како безбедносен ризик.
Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливен, изјави дека претстојните разговори ќе се фокусираат на колективната безбедност, вклучувајќи го спротивставувањето на Кина и нејзиниот забрзан воен подем.
„Ние не влегуваме во нова студена војна и Кина не е наш противник, ниту непријател. Но, мора да одговориме заедно, како алијанса, на предизвиците што произлегуваат од подемот на Кина. Зголементо воено присуство на Кина од Балтикот до Африка значи дека НАТО мора да биде подготвено. Кина ни се доближува и инвестира на големо“, изјави Столтенберг.
На агендата ќе бидат и климатски промени, сајбербезбедност, Русија и повлекувањето на силите на НАТО од Авганистан.