НАТО ПОТВРДИ ДЕКА НА 1 МАЈ ЌЕ ПОЧНЕ ДА ГИ ПОВЛЕКУВА СВОИТЕ ВОЈНИЦИ ОД АВГАНИСТАН

    НАТО ПОТВРДИ ДЕКА НА 1 МАЈ ЌЕ ПОЧНЕ ДА ГИ ПОВЛЕКУВА СВОИТЕ ВОЈНИЦИ ОД АВГАНИСТАНЗаедно отидовме во Авганистан и заедно се враќаме, кажаа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и државниот секретар на САД Ентони Блинкен во Брисел (Фото: АП)

    Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека алијансата се согласила да ги повлече своите 7.000 неамерикански војници од Авганистан, што би почнало на 1 мај. Ова се совпаѓа со одлуката на Џо Бајден за повлекување на американските војници од земјата.

    Столтенберг кажа дека целосното повлекување ќе биде завршено за неколку месеци, но како конечен датум не го спомна 11 септември, кога е 20-годишнината од терористичките напади во САД, што беше директен повод за воената инвазија на Авганистан. Моментално, во земјата се стационирани меѓу 7.000 и 7.500 неамерикански војници под командата на НАТО, меѓу кои и на македонската армија, додека САД имаат околу 2.500 свои припадници.

    „Одлучивме да почнеме со повлекувањето на НАТО војниците од Авганистан на 1 мај. Планираме да го довршиме повлекувањето за неколку месеци. Заедно заминавме за Авганистан и заедно се враќаме оттаму“, кажа Столтенберг.

    Тој ја објави одлуката набргу откако Бајден и официјално го соопшти планот за повлекување на американската војска, истакнувајќи дека е време да се стави крај на најдолгата војна на Америка.

    „Ова не беше лесна одлука. Ова е одлука која носи ризици и која бара да останеме постојано фокусирани на Авганистан. Ова не е крај, туку почеток на нов начин на справување со Авганистан“, рече Столтенберг.

    Согласно мировниот договор што го потпишаа администрацијата на Трамп и Талибанците минатата година, американската војска требаше да се повлече до 1 мај, но Бајден кажа дека тоа нема да биде изводливо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира