НЕ СТЕ КОЊИ ДА СЕ ЛЕЧИТЕ СО „ИВЕРМЕКТИН“ ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ НА САД

    НЕ СТЕ КОЊИ ДА СЕ ЛЕЧИТЕ СО „ИВЕРМЕКТИН“ ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ НА САДНема официјални податоци дали „ивермектинот“ уште се користи во третирањето болни од ковид-19 во државните и во приватните болници во Македонија. (Фото: ФДА)

    „Не сте коњи. Ниту крави. Сериозно, сите, престанете да го земате лекот ‘иверкемтин’“, предупреди на Твитер Агенцијата за храна и лекови (ФДА) на САД. Антипаразитскиот лек „ивермектин“ кој најчесто се користи за животни, не треба да се користи за лекување или превенција од ковид-19, соопшти Агенцијата.

    За време на пандемијата, овој лек, на контроверзен начин, беше претставен како потенцијален лек за лекување на ковид болни лица, но неодамнешни испитувања покажаа дека неговата ефикасност против коронавирусот е слаба.

    Агенцијата се повика на повеќе извештаи од повеќе американски сојузни држави за лица на кои „им требала лекарска помош и биле хоспитализирани откако на своја рака се лечеле со ‘ивермектин’ наменет за коњи“.

    „Користењето на големи дози од овој лек е опасно и може да предизвика сериозна штета“, вели ФДА.

    Предупредувањето следи откако Министерството за здравство на Мисисипи објави сличен извшетај, за зголемен број на лица кои користат „ивермектин“ со цел да не се разболат од ковид-19. Од вкупната бројка на лица кои го земале овој лек, 85 отсто се јавиле в болница поради благи симптоми како црвенило, гадење, болки во стомакот. Министерството вели дека меѓу симптомите се и невролошки проблеми и хепатитис.

    Европската агенција за лекови (ЕМА) на 22 март објави дека лекот „ивермектин“ не помага во спречувањето и лекувањето на ковид-19, откако ги анализираше последните податоци. Во Европската Унија, „ивермектин“ се користи за лекување на некои паразитски и кожни заболувања, а има примена и во ветеринарството, но не е одобрен за лекување на ковид-19. ЕМА објави дека не добила апликација за таква употреба.

    На 5 февруари, македонското Министерство за здравство рече дека лекот „ивермектин“ ќе продолжи да се дава кај ковид пациенти во Македонија, и покрај тоа што производителот на лекови „Мерк“ ден претходно објави дека не лекува ковид-19.

    Во моментов нема официјални податоци од македонските здравствени власти дали „ивермектинот“ се користи во третирањето болни од ковид-19 во државните и во приватните болници.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира