Александар Вучиќ изјави дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина откако ја имаше првата средба со Володимир Зеленски во Белград, додавајќи дека двете земји меѓусебно ќе се поддржуваат на патот кон Европска Унија. Тој кажа дека го разбира ентузијазмот на Украина да влезе во ЕУ што е можно побрзо, но смета дека брз влез на Србија е малку реален поради бројни политички причини.
„Во овој момент не гледам можност за брз влез на Србија во ЕУ. Не верувам дека сите Европејци се наклонети и кон украинското членство. Тие секогаш наоѓаат некого да блокира. За нас, тоа се Хрвати, Бугари, Холанѓани. За Украина ќе бидат некои други“, кажа Вучиќ.
Зеленски изјави дека го разбира скептицизмот на Србија, но дека Украина е во војна и сфаќа што мора да биде во иднина.
„Украина нема време за скептицизам, ние сме во војна и ситуацијата не е едноставна“, кажа Зеленски, заблагодарувајќи ѝ се на Србија за новиот пакет хуманитарна помош.
Вучиќ смета дека војната во Украина нема да заврши во скоро време и го повтори своето ветување дека Србија ќе помогне да се обнови еден помал град во Украина.
„Доста ќе вложиме во тоа и се надевам дека украинскиот народ ќе ја цени ваквата поддршка од српскиот народ“, рече Вучиќ.
Ова беше прва средба на Зеленски со Вучиќ откако стана претседател на Украина. Србија е една од ретките европски држави која одби да воведе санкции за Русија и официјално да испрати воена помош во Украина.



