НОВ МАТЕРИЈАЛ ПОКАЖУВА ДЕКА КОВИД-19 СЕ ПРЕНЕЛ НА ЧОВЕК ОД РАКУНСКО КУЧЕ НА ПАЗАРОТ ВО ВУХАН

    НОВ МАТЕРИЈАЛ ПОКАЖУВА ДЕКА КОВИД-19 СЕ ПРЕНЕЛ НА ЧОВЕК ОД РАКУНСКО КУЧЕ НА ПАЗАРОТ ВО ВУХАНМногу научници веруваат дека ковид-19 најверојатно се пренел од животни на луѓе, како и многу други вируси во минатото, на пазарот за диви животни во Вухан. (Фото: АФП)

    Генетскиот материјал собран на кинескиот пазар во близина на местото каде што беа идентификувани првите човечки случаи на ковид-19, покажува дека ДНК на ракунско куче е поврзана со вирусот, додавајќи докази на теоријата дека вирусот потекнува од животни, а не од лабораторија, велат меѓународните експерти.

    „Овие податоци не даваат дефинитивен одговор за тоа како започна пандемијата, но секој податок е важен за да не приближи до тој одговор“, рече вчера генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус.

    Уште останува нејасно како се појави коронавирусот. Многу научници веруваат дека најверојатно преминал од животни на луѓе, како и многу други вируси во минатото, на пазарот за диви животни во Вухан, Кина. Но, Вухан е дом на неколку лаборатории вклучени во собирање и проучување на коронавируси, што ги поттикнува теориите за кои научниците велат дека се веродостојни дека вирусот можеби протекол од една лабораторија. Новите наоди не го решаваат прашањето и тие не се формално прегледани од други експерти или објавени во списание со рецензија.

    Тедрос ја критикуваше Кина што не ги споделила генетските информации порано, велејќи дека „овие податоци можеле и требало да бидат споделени пред три години“. Примероците беа собрани од површините на пазарот за морска храна Хуанан на почетокот на 2020 во Вухан, каде што беа откриени првите човечки случаи на ковид-19 кон крајот на 2019. Тедрос рече дека генетските секвенци неодамна биле поставени на најголемата светска база на податоци за јавни вируси од научниците од кинескиот Центар за контрола и превенција на болести. Тие потоа беа отстранети, но не пред француски биолог случајно да ги забележи информациите и да ги сподели со група научници со седиште надвор од Кина, кои го истражуваат потеклото на коронавирусот.

    Податоците покажуваат дека некои од примероците кои се позитивни за ковид, собрани од штанд за кој се знае дека е вклучен во трговијата со диви животни, исто така содржеле гени на ракунско куче што според научниците, укажува дека животните можеби биле заразени од вирусот. Нивната анализа првпат беше објавена во „Атлантик“.

    „Постојат добри шанси животните што ја депонирале таа ДНК, исто така, да го депонираат вирусот“, рече Стивен Голдстајн, виролог од Универзитетот во Јута, кој беше вклучен во анализата на податоците.

    Кучињата, именувани по нивните лица слични на ракун, често се одгледуваат поради нивното крзно и се продаваат за месо на пазарите за животни низ Кина. Реј Јип, епидемиолог и основач на американската канцеларија на Центрите за контрола на болести во Кина, рече дека наодите се значајни, иако не се дефинитивни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира