НОВИ РЕКОРДНИ ТЕМПЕРАТУРИ ИЗМЕРЕНИ ВО ГЕРМАНИЈА, ЧЕШКА И ДАНСКА, ТОПЛОТНИОТ БРАН ВО ЕВРОПА СЕ ПОВРЗУВА СО СТОТИЦИ СМРТНИ СЛУЧАИ

    НОВИ РЕКОРДНИ ТЕМПЕРАТУРИ ИЗМЕРЕНИ ВО ГЕРМАНИЈА, ЧЕШКА И ДАНСКА, ТОПЛОТНИОТ БРАН ВО ЕВРОПА СЕ ПОВРЗУВА СО СТОТИЦИ СМРТНИ СЛУЧАИДевојче се разладува на јавна фонтана во Вилнус (Фото: АП)

    Температурни рекорди продолжуваат да се соборуваат низ Европа, додека топлотниот бран носи екстремни жештини. Во Германија вчера беа измерени рекордни 41,5 Целзиусови степени, а нови рекорди беа забележани и во Чешка и Данска.

    Околу 150 милиони луѓе во Европа сега доживуваат температури од над 35 степени. Светската метеоролошка организација предупреди дека топлотниот бран ќе има големи влијанија врз здравјето и екосистемите. Топлотниот бран, кој започна на Пиринејскиот Полуостров, се поврзува со смртта на стотици луѓе во текот на оваа недела.

    Новиот рекорд во Германија од 41,5 степени беше измерен во источната покраина Саксонија-Анхалт, само ден откако беа регистрирани 41,3 степени во Сарбрикен во близина на француската граница.

    И во Чешка вчера беше измерена највисоката температура досега, од 40,8 степени во Доксани северно од Прага, додека данските синоптичари соопштија дека температура од 37 степени е забележана во Одум во близина на Орхус. Ова го надмина претходниот национален рекорд од 36,4 степени поставен во 1976 година.

    Швајцарија го имаше најтоплиот јунски ден во историјата трет ден по ред, откако температурата се искачи на 39 степени во северниот град Базел.

    Откако започна топлотниот бран, во Франција се удавиле најмалку 55 луѓе, додека шпанските власти регистрирале 327 смртни случаи што би можеле да бидат поврзани со топлината.

    Научниците велат дека вака силен топлотен бран олку рано во лето би бил практично невозможен пред 50 години, додавајќи дека „климатските промени се недвосмислено виновни“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира