НОВИОТ КОРОНАВИРУС ИМЕНУВАН КАКО КОВИД-19, ДОСЕГА ПОЧИНАЛЕ 1.113 ЛУЃЕ

    НОВИОТ КОРОНАВИРУС ИМЕНУВАН КАКО КОВИД-19, ДОСЕГА ПОЧИНАЛЕ 1.113 ЛУЃЕОсвен во Кина, новиот вирус е регистриран во уште 25 земји (Фото: АП)

    Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека официјалното име на болеста предизвикана од новиот коронавирус е КОВИД-19.

    „Сега имаме име за оваа болест и тоа е КОВИД-19“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.

    Бидејќи до производството на вакцината можат да поминат и 18 месеци, тој го повика светот да се бори против болеста најагресивно што може. Од КОВИД-19 досега починале 1.113 луѓе, а повеќе од 44.000 се заразени.

    Болеста која првпат беше идентификувана пред нова година во кинескиот град Вухан досега се нарекуваше коронавирус, но тоа всушност е име на цела група вируси, вклучувајќи го и САРС.

    „Моравме да смислиме име кое нема да се однесува на ниедна географска локација, животно, поединец или народ и кое во исто време е лесно за изговор. Именувањето е важно, со цел да се избегне конфузија или да не се стигматизира цела една нација“, додаде Гебрејесус.

    За именувањето на вируси е задолжен Меѓународниот комитет за таксономија на вируси, кој делува во рамките на СЗО.

    Освен во Кина, новиот вирус е регистриран во уште 25 земји, при што најмногу заразени има во Јапонија – 161, од кои 135 на крузерот кој се држи во карантин во пристаништето во Јокохама.

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира