Барак Обама и формално го отвори својот претседателски центар во Чикаго, повикувајќи на одбрана на демократијата, додека на сцената му се придружија тројца поранешни американски претседатели, како и бројни политичари, музички и спортски ѕвезди и други светски познати личности. Ова беше очигледна спротивност на неодамнешните настани организирани од Доналд Трамп, кои беа игнорирани од пошироката јавност.
Без да го именуваат сегашниот жител на Белата куќа, Барак и Мишел Обама го нападнаа авторитарниот пристап на Трамп, прикажувајќи ги како навреда на американските вредности.
„Се надевам дека овој центар ќе послужи како потврда за тоа колку посебна и колку скапоцена е нашата демократија и ќе нè потсети што можеме да постигнеме кога ќе ги прифатиме нашите споделени одговорности како граѓани“, им рече Обама на насобраните.
Центарот на Обама се создаваше повеќе од една деценија и чинеше 850 милиони долари. Трамп го опиша како целосна катастрофа.
Обама успеа да ги обедини бившите претседатели Бил Клинтон, Џорџ Буш и Џо Бајден и нивните први дами, додека од музичките ѕвезди поддршка му дадоа Боно, Џон Леџенд, Кристина Агилера, Марк Ентони, Еди Ведер, Брус Спрингстин, Стиви Вондер, Комон, Џенифер Хадсон…
„Секој претседател овде денес, колку и да сме различни, се потруди најдобро што можеше да ги одржи вредностите во кои веруваа не помалку од мене. Карактер, чесност, интегритет, љубезност, сочувство, чувство на должност и чест, ова се вредностите и традициите во кои верувам, и тие не се републикански или демократски вредности, тие се американски вредности, што сите можеме да ги споделиме“, порача Обама.
Меѓу другите гости на настанот беа Опра Винфри, Том Хенкс, Дејвид Летерман, Конан О‘Брајен, Ангела Меркел и Џастин Трудо.




