Европската комисија ја обвини владата на Виктор Орбан дека шири шокантна и смешна теорија на заговор, откако Унгарија почна кампања со која се напаѓа Жан-Клод Јункер. Отворајќи нов фронт против Брисел на неколку месеци пред изборите за Европскиот парламент, Унгарија ги стави на ист плакат претседателот на Европската комисија и милијардерот Џорџ Сорос.
„Имате право да знаете што Брисел планира да направи. Овој постер е дел од информативната кампања која ги открива плановите на Брисел за носење мигранти, кои суштински ја загрозуваат безбедноста на Унгарија“, стои на Фејсбук страницата на унгарската влада.
Јункер и Орбан одамна не се во добри односи, иако се сметаат за членови на десниот центар во Европскиот парламент. Јункер побара Фидес, партијата на Орбан, да биде исклучена од парламентарната група Европска народна партија (ЕПП).
„Против лаги не можете многу да сторите. Фидес не гласаше за мене во Европскиот парламент, исто така и крајната десница. Тоа се гласови што не ни сакате да ги добиете. Немаме намера да влегуваме во оваа валкана кампања и да го засениме сето она што го правиме за Европа. Времето на Фидес во ЕПП истече“, изјави Јункер.