Остатоците од кинеска ракета се очекува да паднат назад на Земјата викендов и експертите се обидуваат да дознаат точно кога и каде ќе се случи тоа. Ракетата „Лонг Марч 5Б“ беше лансирана на 29 април од центарот за вселенски лансирања Венчанг во Кина и нејзината мисија беше да однесе во орбитата модул за идната кинеска вселенска станица.
Но, откако ја заврши мисијата, телото на ракетата сега кружи околу Земјата и наскоро ќе навлезе во пониската атмосфера. Неконтролираната природа на паѓањето предизвика загриженост кај експертите околу потенцијалниот удар кога ќе слета. Делот од ракетата кој ќе слета тежи 21 тон.
Американските научници од компанијата „Ероспејс корпорејшн“ синоќа објавија дека според нивните предвидувања, ракетата треба да слета во недела во 6.19 часот по македонско време, но со отстапка од плус или минус 8 часа. Исто така, тие сметаат дека ракетата ќе падне близу Нов Зеланд, но додаваат дека слетувањето сепак може да биде каде било ширум големи делови од планетата.