Жртва на сексуално злоставување од свештеници кажа дека папата Фрањо му кажал дека Бог го направил хомосексуалец и дека неговата сексуална ориентација не е важна.
Хуан Карлос Круз, жртва која преживеала сексуално злоставување, помина три дена со папата Фрањо во Ватикан во април годинава, при што дискутирале за неговата сексуалност и за злоставувањето кое го преживеал од чилеанските свештеници.
Опишувајќи ја неговата средба со Папата, Круз вели: „Знаеш Хуан Карлос, тоа воопшто не е важно. Бог те создал ваков. Бог те сака ваков. Папата те сака ваков и ти треба самиот да се сакаш и да не се грижиш што ќе кажат луѓето“
Круз е еден од клучните сведоци за сексуалното злоставување од свештениците во Чиле.
Зборовите на Папата се значајно отстапување од учењето на римо-католичката црква, која хомосексуалноста ја смета за објективно растројство и спротивно на Божјите закони.
Портпаролот на Ватикан Грег Бурк изјави: „Ние вообичаено не ги коментираме приватните разговори на Папата“.
Фернандо Кардима, човекот кој го злоставувал Круз, беше прогласен за виновен од Ватикан во 2011 година.
Минатиот петок сите бискупи од Чиле му понудија оставки на папата Фрањо по тридневниот итен самит во Ватикан, на кој се дискутираше за скандалот со сексуално злоставување во Чиле.
Вкупно 31 активен бискуп и тројца пензионирани бискупи објавија во соопштение дека тие понудиле оставки поради скандалот.