ПАПАТА ФРАЊО ПРЕДЛОЖИ СО МЕЃУНАРОДНА СТУДИЈА ДА СЕ ИСТРАЖИ ДАЛИ ИМА ГЕНОЦИД ВО ГАЗА

    ПАПАТА ФРАЊО ПРЕДЛОЖИ СО МЕЃУНАРОДНА СТУДИЈА ДА СЕ ИСТРАЖИ ДАЛИ ИМА ГЕНОЦИД ВО ГАЗА„Треба внимателно да истражиме за да процениме дали ова се вклопува во техничката дефиниција (на геноцид) формулирана од меѓународни правници и организации“, рече папата. (Фото: АП)

    Папата Фрањо предложи глобалната заедница да проучи дали израелската воена кампања во Газа претставува геноцид врз палестинскиот народ, во една од неговите најексплицитни критики досега за однесувањето на Израел во едногодишната војна. Во извадоците од новата претстојна книга објавени денеска, понтифот рече дека некои меѓународни експерти велат оти „она што се случува во Газа има карактеристики на геноцид“.

    „Треба внимателно да истражиме за да процениме дали ова се вклопува во техничката дефиниција (на геноцид) формулирана од меѓународни правници и организации“, рече папата во извадоците, објавени од италијанскиот дневен весник „Ла стампа“.

    Израел ги отфрли сите обвинувања за геноцид. Израелското Министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето за коментар за изјавите на папата.

    Минатиот декември Јужна Африка поднесе тужба против Израел пред Меѓународниот суд на правдата за кршење на Конвенцијата за геноцид. Во јануари, судиите на судот му наложија на Израел да се погрижи неговите војници да не вршат геноцидни акти. Судот уште не се изјаснил за суштината на случајот – дали се случил геноцид во Газа.

    Фрањо, водачот на Католичката црква со 1,4 милијарди членови, обично внимава да не зазема страна во меѓународните конфликти и да ја нагласи деескалацијата. Но, тој неодамна ги засили своите критики за однесувањето на Израел во неговата војна против Хамас. Во септември, тој ја осуди смртта на палестинските деца во израелските напади во Газа. Тој, исто така, остро ги критикуваше воздушните напади на Израел во Либан како „надвор од моралот“.

    Папата Фрањо претходно во јавноста не ја има наречено ситуацијата во Газа како геноцид. Но, минатата година тој беше во центарот на спор по состанокот со група Палестинци во Ватикан, кои инсистираа дека тој го употребил зборот со нив приватно, додека Ватикан рече дека не го користел. Ватикан не понуди коментар за најновите забелешки на Фрањо, но неговата веб-страница за вести денеска објави за извадоци од книгата, меѓу кои и коментарот за геноцид.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира