Опозициската партија Самоопределување прогласи победа на вчерашните парламентарни избори во Косово, откако беа пребројани 80% од гласовите, со што ја симна од власт Демократската партија (ПДК). Таа заврши како трета според резултатите, зад Демократската лига на Косово (ЛДК).
Самоопределување, опишана како левичарско-националистичка партија, освои 25,93% гласови, ЛДК 24,87%, а ПДК 21,09% на изборите на кои што излезноста беше 44%. Тесните резултати кажуваат дека за формирање влада ќе биде потребно да се направи коалиција.
„Самоопределување е победник на изборите бидејќи е партија со најмногу освоени гласови и задоволни сме што досегашната опозиција, заедно со ЛДК, ќе има најмалку 60 пратеници. Она што се случи на изборите беше интервенција на народот во нашата политичка сцена за да се спречи драма која можеше да има трагичен крај за државата“, изјави лидерот на партијата Албин Курти, кој ќе биде кандидат за премиер.
Четвртите избори од прогласувањето на независноста во 2008 година беа свикани откако досегашниот премиер Рамуш Харадинај поднесе оставка бидејќи беше повикан во Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг за да се испита неговата улога во војната во 1998-99 година. Харадинај претрпи тежок пораз на изборите, откако неговата коалиција со Социјалдемократската партија освои само 11% гласови.