ПО СРАМНАТА ПРЕСУДА ЗА СМРТТА НА 20-ГОДИШНИОТ САНДА ДИА, БЕЛГИСКИТЕ СТУДЕНТИ БАРААТ ПРАВДАТА ДА ПРЕСТАНЕ ДА ЈА ШТИТИ БЕЛАТА ЕЛИТА

    ПО СРАМНАТА ПРЕСУДА ЗА СМРТТА НА 20-ГОДИШНИОТ САНДА ДИА, БЕЛГИСКИТЕ СТУДЕНТИ БАРААТ ПРАВДАТА ДА ПРЕСТАНЕ ДА ЈА ШТИТИ БЕЛАТА ЕЛИТАДиа почина во 2018 откако бил жртва на таканареченото студентско крштевање

    Специјално од Брисел: СВЕТЛАНА ЈОВАНОВСКА

    Белгиските студенти се спремаат за утрешниот протест пред Палатата на правдата во Брисел против пресудата на Апелациониот суд во Антверпен, кој пред неколку дена изрече благи казни за 18-темина студенти виновни за смртта на 20-годишниот Санда Диа.

    Диа почина во 2018 откако бил жртва на таканареченото студентско крштевање. Универзитетското „крштевање“ е еден вид традиција во кое новодојдените колеги се изложени на повеќедневно малтретирање за да бидат прифатени во студентската заедница. Тешки повреди или труења редовно се случуваат на овие „крштевања“, но последиците досега не биле смртоносни. Овојпат, станува збор за сега веќе непостоечкиот студентски клуб „Рузегом“, своевидно братство на синови од добри семејства.

    На 26 мај, 18-мина колеги на Диа беа прогласени за виновни за напад и ненамерна смрт од страна на Апелациониот суд во Антверпен. Диа почина во болница, а неговите џелати добија 200 до 300 часови општествено корисна работа и 400 евра казна. Обвинетите ќе можат да ја заборават нивната вмешаност во смртта на Диа, бидејќи пресудата нема да биде внесена во нивното судско досие.

    Дваесетгодишниот Санда Диа студирал инженерство на престижниот католички универзитет во Лувен. Беше Белгиец од татко Мавританец и имаше темна боја на кожа.

    Тој морал да испие огромно количество алкохол и четири литри тајландско рибино масло, како и да голтне златна рипка. Потоа, за да го спречат да пие вода, со селотејп му ја запечатиле славината во неговиот стан во Лувен. Утредента, го принудиле да остане надвор на декемврискиот студ во дупка полна со ледена вода. Дури два часа подоцна неговите другари повикале помош. Во болница е констатирана хипотермија со температура на телото од 28,7 степени. Диа починал од повредите два дена подоцна. При обдукцијата е откриено високо ниво од 117 грама рибино масло во крвта, што довело до фатален мозочен оток.

    Обвинителството во март минатата година бараше затвор од 18 до 50 месеци, парични казни до 8.000 евра и одземање на граѓанските права на пет години. Но, судот ги отфрлил точките од обвинението за употреба на штетна супстанца што резултира со смрт и непомагање на лице во опасност.

    Членовите на ‘Рузегом‘ реагирале веднаш кога виделе дека Санда Диа е во опасност. Му дале сува облека и се обиделе да го загреат“, изјави портпаролката на Апелациониот суд.

    Судиите кажаа дека студентите не можеле да ги знаат штетните ефекти на супстанцата која, според форензичарите, довела до оток на мозокот, бидејќи била во слободна продажба.

    Свен Мари, адвокат на семејството и еден од најпознатите во Белгија, изјави дека семејството никогаш не посакувало затворски казни, но жали што нема одговори на прашањата кој што правел во текот на „крштевката“.

    Во овие пет години, никогаш не успеавме да откриеме кој го натерал да голта рибино масло. Никој ништо не видел!“, велат тие.

    За семејството Диа, исто така, беше важно оваа пресуда да стои во криминалното досие на младите осуденици.

    Сите овие млади луѓе се интелектуалци на високо ниво. Сите имаат желба да направат големи кариери, особено во правната или извршната власт. Гласачите мора да знаат што направиле политичарите во нивните животи. Особено кога тоа доаѓа до понижувачки третман“, изјави Мари.

    Протести веќе се одржаа во Антверпен, каде што се бараше правдата да престане да ја штити белата елита и да се казнат сторителите, а не жртвите. И главните медиуми во Белгија остро ја критикуваа пресудата.

    Де Морген“ напиша дека 26 мај 2023 нема да биде запаметен како голем ден за владеењето на правото.

    Кога изби скандалот со Санда Диа во 2020, активистите и твитерџиите на Black Lives Matter сугерираа дека за овие млади господа правда нема да има како што би била за другите. Може само да се забележи дека тие точно го предвиделе исходот од судењето“.

    Латсте њуз“ објави дека затворот е концепт со тежина, а тоа не е случај со казна од 400 евра, сума која елитната младина ја троши во една вечер.

    Дали казните се фер? Казната мора да биде пропорционална на сериозноста на делото. Ако овие казни не предизвикаат жестоки реакции, тоа значи дека нема општествен консензус за ова дело. За некои, тоа е расистичко убиство, за други крштевање што тргнало наопаку“, напиша весникот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира