Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека земјата би можела да се најде на раб на граѓанска војна ако на претстојните парламентарни избори победи крајнодесничарскиот Народен фронт (РН) или левичарската коалиција Нов народен фронт. Тој вели дека манифестот на РН и неговите решенија за справување со криминалот и имиграцијата се засновани врз стигматизација или поделба.
„Мислам дека решенијата што ги предлага крајната десница не доаѓаат предвид, бидејќи таа ги категоризира луѓето во однос на нивната религија или потекло и затоа тоа води до поделба и граѓанска војна“, изјави Макрон во еден подкаст.
Тој на ист начин ја критикуваше и крајнолевичарската партија Франс ансумиз, која е дел од новата коалиција Нов народен фронт.
„И зад нивните ставови се крие граѓанска војна затоа што ги категоризираат луѓето само врз основа на нивниот религиозен поглед или заедницата на која припаѓаат, што на некој начин е средство за оправдување на нивно изолирање од пошироката национална заедница“, кажа Макрон.
Лидерот на Народен фронт, Жордан Бардела, кој е фаворит за иден француски премиер, кажа дека претседател не би требало да збори такви работи, а коментарите на Макрон ги осуди и крајната левица.
Народен фронт во својот манифест вети дека ќе ја врати Франција на нозе, воведувајќи „неопходен закон против исламистички идеологии“.