ПОЧИНА ЏОРЏ Х. В. БУШ ПОСТАРИОТ, 41. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД

    ПОЧИНА ЏОРЏ Х. В. БУШ ПОСТАРИОТ, 41. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД Претседателот Џорџ Х. В. Буш со сопругата Барбара на 8 ноември 1988, кога беше избран за 41. претседател на САД. Почина синоќа на 94 години, 8 месеци по сопругата (Фото: АП)

    Поранешниот претседател на САД, Џорџ Херберт Вокер Буш, почина синоќа на 94 години. За време на неговиот мандат имаше триумфална коалициска победа над Ирак во Кувајт, но потоа падна поради слабата економија. Џорџ Х. Буш беше 41 претседател на САД, од 1988 до 1992.

    Херојот од Втората светска војна, кој беше претседател за време на колапсот на Советскиот сојуз и последните месеци на Студената војна, почина дома во Хјустон, скоро 8 месеци по неговата сопруга Барбара со која беа во брак 70 години и која почина во април.

    Син на сенатор и татко на претседател, на Џорџ Вокер Буш кој беше 43-тиот претседател на САД, Буш имаше ѕвездена политичка кариера – од конгресмен, па амбасадор во ОН, шеф на Републиканската партија и претставник во Кина, директор на ЦИА и во два мандати му беше заменик-претседател на Роналд Реган. На следните избори загуби од Бил Клинтон во кампањата во која бизнисменот Рос Перо освои 19 отсто од гласовите како независен кандидат.

    Сепак, доживеа да го види синот Џорџ В. претседател во два мандади, што е вторпат во историјата на САД татко и син да се претседатели на земјата, по Џон и Џон Квинси Адамс.

    „Џеб, Нил, Марвин, Доро и јас со жалење ве известуваме дека по 94 исклучителни години, нашиот татко почина. Беше човек со исклучителен карактер и најдобриот татко каков што син или ќерка можеа да посакаат“, соопшти Џорџ Буш помладиот.

    Претседателот Доналд Трамп на Твитер му оддаде почит на колегата Републиканец за „исклучителната автентичност и мудрост и непоколебливата посветеност на верата, семејството и земјата“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира