ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГИ ОКУПИРА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ РЕФЕРЕНДУМОТ ВО КАТАЛОНИЈА

    ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГИ ОКУПИРА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ РЕФЕРЕНДУМОТ ВО КАТАЛОНИЈАПокрај локалната полиција, во Каталонија се испраќаат и полициски сили од други делови на државата (Фото: ЕПА)

    Шпанската влада потврди дека ќе распореди илјадници полицајци на гласачките места, за да ги спречи луѓето да гласаат на референдумот за независност на Каталонија, што треба да се одржи в недела.

    Иако регионалната влада е решена да го спроведе референдумот, за централната власт во Мадрид тој претставува кршење на уставот и затоа планира да го спречи.

    Портпаролот на шпанската влада изјави дека на каталонската полиција и е наредено да ја преземе контролата врз гласачките места и да ги заплени материјалите за гласањето, но за секој случај, ќе бидат испратени и дополнителни полициски сили од други делови на државата.

    „Денеска можеме да потврдиме дека нема да има ефективен референдум во Каталонија. Целата логистика за референдумот е растурена“, изјави претставникот на шпанската влада во Каталонија, Енрик Милјо.

    Обвинителството соопшти дека ќе бидат запишани имињата на сите кои ќе земат учество во референдумот, а сите кои ќе имаат пристап до гласачките места ќе се сметаат за соработници на криминалот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира