ПОЛИЦИЈАТА ВО БЕЛГРАД ГИ ИЗВЛЕЧКА ДЕМОНСТРАНТИТЕ ОД РТС, ТИЕ ВЕЛАТ НЕ СИ ОДАТ ДОДЕКА НЕ ГОСТУВААТ ВО ВЕСТИТЕ

    ПОЛИЦИЈАТА ВО БЕЛГРАД ГИ ИЗВЛЕЧКА ДЕМОНСТРАНТИТЕ ОД РТС, ТИЕ ВЕЛАТ НЕ СИ ОДАТ ДОДЕКА НЕ ГОСТУВААТ ВО ВЕСТИТЕОткако беа изнесени надвор, полицијата направи кордон пред влезот на телевизијата.(Фото: Танјуг)

    Полицијата ги изнесе демонстрантите од зградата на националниот сервис РТС во Белград, по што тие продолжија да протестираат пред влезот на телевизијата.

    Дел од граѓаните кои учествуваа на антивладиниот протест низ улиците во Белград „1 од 5 милиони“, како и Драган Ѓилас лидер на опозициската партија Сојуз за Србија, влегоа во зградата на националниот сервис барајќи да бидат гости во Дневникот. Околу 21.30 часот полицијата влезе во зградата и еден по еден ги вадеше демонстрантите од 4 спрат на зградата. Додека ги вадеа демонстрантите извикуваа „Апсете го Вучиќ!“

    Демонстрантите влегоа во РТС барајќи да бидат гости во Дневникот бидејќи со месеци нивните протести „1 од 5 милиони“ се игнорирани од јавниот сервис.

    Откако беа изнесени надвор, полицијата направи кордон пред влезот на телевизијата. Демонстрантите рекоа дека влегле во РТС бидејќи се игнорирани од јавниот сервис кој не ги пренесува протестите кои траат со месеци во вестите и тоа за нив е диктатура.

    „Бараме опозициските лидери и претставник на организаторите на протестите ‘1 од 5 милиони’ да бидат гости во централниот дневник утре или во вонредно издание вечерва. Не си заминуваме додека не се оствари нашето барање. Немаше никакво насилство при нашиот влез во телевизијата. Ние го плаќаме јавниот сервис, но тој лаже, шири пропаганда на Александар Вучиќ“, рече Бошко Обрадовиќ, пратеник и лидер на партијата „Двери“.

    Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ откако демонстрантите беа изнесени од телевизијата, рече дека ова е насилен напад, а не мирен протест, полицијата постапила професионално и сите они кои вршеле насилство ќе бидат казнети.

    „Досега знам дека едно лице е уапсено поради физички напад на полицијата“, рече Стефановиќ.

    Протестите на граѓаните и опозицијата во Србија против вледеењето на претседателот Александар Вучиќ и лидер на владејачката Српска напредна партија, почнаа во ноември лани, откако беше нападнат лидерот на партијата „Левица“ Борко Стефановиќ. На протестите кои се одржуваат секоја сабота под паролата „1 од 5 милиони“ се бара оставка на Вучиќ, да престане насилството врз неистомислениците, фер и демократски избори и слобода на медиумите во земјата.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари