ПОТВРДЕНИ ШЕСТ МРТВИ ВО ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕ НА ХАЛКИДИКИ, УДРИЛО НЕНАДЕЈНО И ТРАЕЛО САМО 20 МИНУТИ

    ПОТВРДЕНИ ШЕСТ МРТВИ ВО ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕ НА ХАЛКИДИКИ, УДРИЛО НЕНАДЕЈНО И ТРАЕЛО САМО 20 МИНУТИВо невремето се повредени над 30 луѓе (Фото: Ројтерс)

    Шест туристи загинаа во ненадејното насилно невреме што синоќа го погоди Халкидики во северна Грција, а уште 30 се повредени, потврдија властите.

    Шефот на цивилната заштита Хараламбос Стеријадис го опиша невремето проследено со силни ветер и дожд како „досега невиден феномен“. Сведоци изјавија дека „чудното“ невреме траело само 20 минути.

    (Фото: Твитер)

    „За првпат во мојата 25-годишна кариера гледам вакво нешто. Беше толку нагло, толку ненадејно“, изјави Атанасиос Калцас, директорот на медицинскиот центар во Неа Мудања, каде биле примени повеќето од повредените.

    Романка и нејзиното дете починале откако се урна покривот од ресторан во Неа Плагија, додека руски турист и син му загинале при паѓање на дрво во близина на нивниот хотел во Неа Потидеа. Во невремето загинала и чешка двојка, кога ветерот ја превртел нивната камп приколка.

    Невремето уследи по бран на многу топло време во Грција, при што температурите се искачија до 37 степени во изминатите два дена.

    „Ваквите услови се екстремно необични за ова време од годината, бидејќи летата најчесто се суви и топли“, вели метеорологот Клеарксос Марусакис, прогнозирајќи нови врнежи во текот на денот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари