ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МАКРОН ВЛЕЗЕ ВО ЕЛИСЕЈСКАТА ПАЛАТА

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МАКРОН ВЛЕЗЕ ВО ЕЛИСЕЈСКАТА ПАЛАТАЕмануел Макрон ја прими должноста од Франсоа Оланд (Фото: АФП)

    Новиот француски претседател Емануел Макрон денеска е инаугуриран на церемонија во претседателската палата во Париз. 39-годишниот Макрон е најмладиот претседател во историјата на Франција по Наполеон Бонапарта.

    Пред церемонијата, тој во канцеларијата на претседателот се состана со неговиот претходник, Франсоа Оланд за да разговараат за најчувствителните прашања со кои се соочува Франција, како и за предавање на нуклеарните кодови на земјата. Макрон ќе биде лидер на земја која, кога Британија ќе ја напушти Европската унија во 2019, ќе биде единствена членка на ЕУ со нуклеарно оружје и постојано место во Советот за безбедност на ОН.

    Макрон беше облечен во темен костум од францускиот бренд „Жонас и Сие“, мала фирма од Париз, што чини 450 евра, изјави неговиот тим (Фото: Ројтерс)

    Тој потоа одржа говор во приемната сала на Елисејската палата пред околу 300 гости, функционери и членови на семејството, меѓу кои и неговата сопруга Брижит Макрон, која беше облечена во костум во лаванда сина боја од францускиот дизајнер Никола Гескиер за Луј Витон. Макрон беше облечен во темен костум од францускиот бренд „Жонас и Сие“, мала фирма од Париз, што чини 450 евра, изјави неговиот тим.

    Сопругата Брижит Макрон беше облечена во костум од францускиот дизајнер Никола Гескиер за Луј Витон (Фото: АП)

    „Франција е силна само ако е просперитетна. Франција ќе биде модел за светот само ако стане пример. Ќе му го вратиме вкусот за иднината на народот, и гордоста за она што е. Целиот свет со внимание ќе ги проследи одлуките на Франција бидејќи заедно ќе ги поминеме сите пречки и стравови“, рече Макрон.

    По церемонијата и воените почести во Елисејската палата, Макрон го посети Гробот на незнајниот војник, на Триумфалната порта на почетокот на авенијата  Шанзелизе , традиција што ја следат сите шефови на државата во модерната историја на Франција. Макрон денеска ќе се сретне и со градоначалникот на Париз Ан Идалго.

    Ќерката на Брижит Макрон, Тифани Озије, беше меѓу гостите на инаугурацијата (Фото: АП)

    Неговата прва посета во странство ќе биде во Германија утре, кај германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. Тој ќе мора да именува премиер и да формира влада во следните денови.

    Поранешен министер за економија со про-бизнис, проевропски ставови, Макрон лани даде оставка во социјалистичката влада на Оланд, за да се кандидира како независен кандидат. Тој е првиот француски претседател кој не е од една од главните партии во земјата. Тој вети дека ќе ја заживее француската политика со донесување нови лица. Неговото движење најави првична листа на 428 кандидати за 577 места за парламентарните избори во јуни. На Макрон му треба мнозинство од пратениците, за да може да му помине програмата во парламентот.

    Многу од кандидатите на неговото движење се новодојденци во политиката. Нивната просечна возраст е 46 години, во споредба со 60 години на собранието во заминување. Половина од нив се жени. Само 24 пратеници се кандидираа за реизбор, сите социјалисти.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира