Италија денеска официјално протестираше против ослободувањето со кауција на сопственикот на швајцарскиот бар што изгоре во смртоносниот пожар на Нова Година и го повлече својот амбасадор во Швајцарија, бидејќи одлуката на судот беше критикувана во двете земји. Жак Морети и неговата сопруга Џесика, сопственици на барот „Ле Констеласион“ во Кран-Монтана, се под истрага за убиство од небрежност и други кривични дела поврзани со пожарот во кој загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени, многу од нив тинејџери.
Жак Морети беше приведен на 9 јануари, но вчера беше ослободен со кауција што вклучува плаќање од 200.000 швајцарски франци и наредба за дневно јавување во полициска станица. Адвокатите на жртвите од пожарот и нивните семејства рекоа дека се борат да ја разберат судската наредба, додавајќи дека нивните клиенти се загрижени за исчезнувањето на доказите. Сопружниците Морети изразија жалење поради трагедијата и рекоа дека ќе соработуваат со обвинителите. Во изјава по ослободувањето на Жак Морети, нивните адвокати изјавија дека двајцата „ќе продолжат да ги почитуваат сите барања од властите“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони синоќа го нарече неговото ослободување „навреда на сеќавањето на жртвите од новогодишната трагедија и навреда на нивните семејства“. Шестмина од загинатите во пожарот во барот беа Италијанци, како и 10 од повредените.
Во соопштението на владата денеска се вели дека Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани му наложиле на амбасадорот на Италија веднаш да го контактира главниот обвинител во швајцарскиот кантон Вале за да го пренесе „силното негодување“ на Италија поради ослободувањето на Морети. Додадaваат дека судот ја донел одлуката и покрај сериозноста на кривичноto дело, ризикот од бегство и можноста за компромитирање на доказите.
„Цела Италија бара вистина и правда и бара да се преземат соодвртни мерки по оваа катастрофа, кои целосно ќе ги земат предвид страдањата и очекувањата на семејствата“, се вели во соопштението.
Мелони и Тајани му наредија и на амбасадорот Џан Лоренцо Корнадо да се врати во Рим за да утврди какви понатамошни мерки да преземе, се вели во соопштението.



