Рускиот претседател Владимир Путин наредил кампања за влијание на американските претседателски избори за да ја поткопа вербата во демократскиот процеси и да ѝ наштети на кандидатката на Демократската партија Хилари Клинтон, покажа проценката на американското разузнавање. Путин и руската влада го фаворизирале Доналд Трамп во нивните напори, кои вклучуваа хакирање на електронската пошта на Демократската партија и објавување документи на „Викиликс“, се вели во верзијата на јавноста на доверливиот извештај презентиран на американскиот претседател Барак Обама и Трамп.
„Целите на Русија беа да се поткопа вербата на јавноста во демократскиот процес во САД, да се омаловажи Клинтон и да се наштети на нејзиното потенцијално претседателствување. Понатаму е утврдено дека Путин и руската влада развиле јасна наклонетост кон новоизбраниот претседател Трамп“, се вели во извештајот.
Разузнавачките агенции ЦИА, ФБИ и НСА се убедени со голема сигурност дека Путин се обидел да влијае на изборите. Руското воено разузнавање ги дало информациите од хакираната електронска пошта на Демократската партија и оние на претседателот на кампањата на Клинтон, Џон Подеста, на „Викиликс“, наведено е во извештајот.
Руските дејствија не вклучувале само хакирање, туку и пропагандна кампања, вклучувајќи и ширење на лажни вести. Обама го доби доверливиот извештај вчера, додека Трамп беше брифиран денеска.
Трамп претходно изрази сомневање за откритијата на разузнавачите и по брифингот не кажа дали верува дека руски хакери стојат зад упадите.