ПУТИН ВЕЛИ ДЕКА И НАТАМУ Е ОТВОРЕН ЗА ДИЈАЛОГ, САД СМЕТААТ ДЕКА РАЗГОВОРИ СО РУСИЈА ВЕЌЕ НЕМААТ СМИСЛА

    ПУТИН ВЕЛИ ДЕКА И НАТАМУ Е ОТВОРЕН ЗА ДИЈАЛОГ, САД СМЕТААТ ДЕКА РАЗГОВОРИ СО РУСИЈА ВЕЌЕ НЕМААТ СМИСЛАНајновите сателитски снимки покажуваат распоредувања на нови трупи и воена опрема во западна Русија и Белорусија (Фото: Максар)

    Владимир Путин изјави дека Москва и натаму е отворена за дипломатско решавање на кризата околу Украина, но за интересите на Русија и за безбедноста на нејзините граѓани нема да преговара. Тој вчера доби дозвола од рускиот парламент да користи воена сила надвор од Русија, што му овозможува да испрати трупи во источна Украина, додека западот верува дека тоа е вовед во целосна инвазија.

    „Јас сум секогаш отворен за искрен дијалог“, кажа Путин и ја пофали борбената подготвеност на руската војска.

    Белата куќа кажа дека по последниот развој на настаните, предложената средба Бајден-Путин веќе не е опција, додека државниот секретар Ентони Блинкен ја откажа средбата со својот руски колега Сергеј Лавров, велејќи дека таа веќе нема никаква смисла зашто руската инвазија е почната.

    Најновите сателитски снимки што ги објави американската компанија „Максар“ покажуваат распоредувања на нови трупи и воена опрема во западна Русија, како и стотина возила во јужна Белорусија близу границата со Украина.

    САД, Канада, Европска Унија, Велика Британија, Австралија и Јапонија вчера ги објавија првите санкции за Русија и отцепените региони во Украина, чија цел првенствено е финансискиот сектор и трговијата, додавајќи дека тоа е само почеток. Германија исто така кажа дека нема да го одобри гасоводот Северен тек 2, преку кој требаше да добива гас од Русија.

    Ниеден пратеник од двата дома на рускиот парламент вчера не гласаше против одлуката да се признае независноста на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск, сметајќи дека тоа ќе донесе мир во регионот Донбас. Сепак, таму и вчера продолжиле гранатирањата, при што загинал еден украински војник.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира